Јовица Ивановски, „Ветер и магла“ (Блесок, 2009, 126 стр.)
Неодамна, во едицијата Бореа, како јубилеен дваесетти наслов, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, Блесок ја објави стихозбирката на Јовица Ивановски, „Ветер и магла“.
Книгата „Ветер и магла“ е осма книга на Јовица Ивановски (1961 г.), кој, во бурното раздобје на транзицијата, внесе свеж, неконформистички дух на книжевната сцена во Македонија и неодминлив, урбан егзистенцијализам.
Тој го промовира Скопје како поетски топоним на беспоштедната транзициска оптика – отуѓено, валкано, иритирачко, билбордизирано, достојно за пцости. Кафулето во неговите стихови стана поетски хронотоп, азил за сопствените мераци, именител на минливоста и миговноста на секојпат ограниченото, секојпат отруено од некого и нешто – задоволство.
Најновата книга на Ивановски е показател на еден генерациски препознатлив синдром – длабока и сеопшта криза на вредностите, револт кон времето и стареењето, неприфаќање на голата егзистенцијална пресуда. Балканштината како однадвор наметната нихилистичка енигма.
Неговата реторика е колоквијална, честопати жаргонска, до гола кожа пробивна, питка, приемчива. Читкоста на овие песни е обратно пропорционална со нивната зајадлива острина и духовита резигнација.
Како песните да ни бидат утеха, кога животот е полн со деманти? Ништо не е залудно, додека има(ме) созвучник во душата, до болка натежната од прашања. Кои животот го прават возбуда, непокор, предизвик.
Додека има(ме) Поезија, која музицира по раните. Лековит отров. Живот на квадрат!
(од рецензијата на Елизабета Шелева)


